Европската Унија ги повика властите во Република Српска да ги прекинат постапките за усвојување на неколку законски иницијативи, особено нацрт-законите за избори, за референдуми, за имунитет и за „странски агенти“, бидејќи со нив би се поткопале евроинтеграциските напори на Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Брисел.

- Овие законски иницијативи за кои расправа Народното собрание на Република Српска, би го поткопале уставниот поредок на земјата, функционалноста на нејзините институции и основните слободи и би биле против заложбите на Босна и Херцеговина за нејзин пат кон ЕУ, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Во соопштението се додава дека ЕУ нагласува оти мора да се почитуваат суверенитетот, територијалниот интегритет, уставниот поредок, вклучително и одлуките на Уставниот суд и меѓународната личност на Босна и Херцеговина.

- Секоја активност против овие принципи ќе доведе до сериозни последици, како што веќе јасно најави Европската Унија, се нагласува во соопштението.

ЕЕАС потсетува дека по одлуката на Европскиот совет од минатиот месец за отворање на пристапните преговорите со БиХ, ЕУ очекува земјата, вклучително и нејзиниот ентитет Република Српска, да прават чекори напред, наместо да преземаат активност што се во спротивност со нејзиниот европски пат.

- Одлуката на Европскиот совет докажа дека дијалогот наместо ескалацијата дава резултати. Ги повикуваме сите лидери во Босна и Херцеговина да ги исполнат своите обврски и очекувањата на граѓаните и да се вратат на преговарачка маса за доброто на луѓето во земјата и нејзината иднина во ЕУ, се додава во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/04/2024 17:52