Во Хрватска денеска се очекува да започнат преговорите за формирање на владејачкото мнозинство, бидејќи ниту една партија на вчера одржаните парламентарни избори, не освои доволно мандати самостојно да формира влада.

Владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) освои најмногу гласови, што на таа партија и дава најголеми шанси да формира ново мнозинство, но изборните резултати сугерираат дека ќе има тешки преговори за тоа.

„Наскоро ќе дознаете со кого ќе го формираме мнозинството во Саборот. Со некои колеги разговаравме во изборната ноќ, разговорите ги продолжуваме денеска“, објави на Фејсбук премиерот и претседател на ХДЗ, Андреј Пленковиќ.

Според последните податоци на Државната изборна комисија речиси од сите обработени избирачки места, ХДЗ освоила 61 мандат, односно 58 мандати во десет изборни единици во Хрватска и три во посебната 11-та изборна единица за дијаспората.

Тоа е вкупно пет мандати помалку отколку на последните парламентарни избори, кога Пленковиќ брзо дојде до мнозинство од 76 гласа во Парламентот со поддршка од осум претставници на националните малцинства, меѓу кои и тројца од Независната демократска српска партија (СДСС) и двајца претставници на мали либерални партии.

Коалицијата на левиот центар предводена од опозициската Социјалдемократска партија (СДП) освои 42 мандати, еден мандат повеќе отколку на изборите во 2020 година Таа партија немаше листа во 11-тата изборна единица.

На трето место е десничарското Движење Татковина со 14 мандати, Мост освои 11, а зелено-левичарската партија Можемо десет мандати.

Во Саборот ќе влезат и неколку помали партии од левиот центар, регионалниот Истарски демократски сабор и Независната платформа Север имаат по два мандата, а еден има коалицијата Фокус-Република.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/04/2024 19:07