Граѓаните во Србија знаат многу малку или ништо за судството како една од трите гранки на власта, покажува истражувањето спроведено од Здружението на судии на Србија, со поддршка на Високиот судски совет и во соработка со Бирото за Социјални истражувања – БИРОДИ, јави Бета
Истражувањето покажало и дека на имиџот на судството не влијае искуството пред судовите, па дури ни успехот или неуспехот во постапките, туку дека на перцепцијата на граѓаните најмногу влијае она што политичарите и јавните функционери велат за судството и што велат медиумите за судството.
Според извршниот директор на БИРОДИ, Зоран Гавриловиќ, граѓаните на Србија многу малку знаат за функционирањето на судството, институциите на судството и нивните права во судските постапки.
„Граѓаните најмногу се информираат за судството преку информации од јавен карактер, односно медиумите. Тоа значи дека немаме формална комуникација, туку неформална комуникација преку која граѓаните се информираат“, рече Гавриловиќ.
„Покрај тоа, оваа анкета покажа и дека нашата јавност е мрзлива и пасивна бидејќи дури 51 процент од анкетираните велат дека не сакаат да дознаат повеќе за судството. Тоа значи дека не сакаат да дознаат ниту за своите права , но очигледно перцепцијата е малку поместена“, рече Гавриловиќ.
Тој посочи дека е интересно што оние кои ги изгубиле сите случаи имаат подобро мислење за судството од оние кои ги добиле сите.