Со спроведување на пилот програмата за издавање експресни визи за турски државјани, од крајот на март до средата за 868 отсто бил зголемен бројот на посетители од Турција на грчкиот остров Лезбос во споредба со истиот период лани, информираа од кабинетот на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакс, кој е во еднодневна посета на островот, јави дописничката на МИА од Атина.
За време на посетата на на пристаништето во Митилини, каде од крајот на март е воведена програмата, Мицотакис имал можност да поразговара со туристи од Турција, а паралелно бил информиран и за процедурата.
Грчкиот премиер ја истакна важноста на програмата за локалната економија на островот и посочи дека се однесува на десет острови и 14 пристаништа.
-Оваа програма е и практична потврда дека приближувањето на Грција и Турција има опипливи реални резултати, пред сè за жителите на островите, кои се првите кои сакаат да живееме во мир и безбедност со нашата соседна земја и секако да имаме и финансиски придобивки од оваа редовна комуникација, која започна во последните недели и дополнително ќе се зајакне, рече Мицотакис.
Паралелно грчкиот премиер за време на посетата на Лезбос од припадниците на крајбрежната служба бил информиран и за намалените мигрантски бранови на островот.
Во првата фаза, експресната виза (Visa Express) во траење од седум дена за турските државјани што се издава на самите присташнита и е процедура што трае околу 15 минути е воведена на Кос, Лезбос, Родос, Самос и Хиос, а до крајот на април ќе се вклучат уште пет острови, односно Лимнос, Лерос, Калимнос, Кастелоризо и Сими.