Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, денеска се одржува гласање за разрешување на градоначалниците, како услов за одржување нови локални избори во тие општини, откако минатогодишните избори косовските Срби ги бојкотираа, јави дописникот на МИА од Приштина.

Портпаролот на Централната изборна комисија на Косово, Валмир Елези, на прес-конференција утрово соопшти дека се отворени сите избирачки центри во општините Лепосавиќ, Северна Митровица, Зубин Поток и Звечан.

„Врз основа на податоците што ги добивме од општинските изборни комисии, ве известуваме дека сите гласачки центри се отворени“, рече Елези.

Бројот на гласачки центри во општина Лепосавиќ е осум, во Зубин Поток пет, во Звечан пет и во Северна Митровица пет. Вкупно, бројот на гласачки центри во овие четири општини е 23, со вкупно 63 гласачки места.

Бројот на граѓани со право на глас за процесот на гласање за или против смена на градоначалници од функциите во четиерите општини е 46.556 гласачи.

Елези ги повика граѓаните на север да го остварат своето избирачко право.

„Во име на ЦИК ги повикувам сите граѓани на општините Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица да го искористат ова свое право да учествуваат во гласачкиот процес и да се изјаснат дали се за или против напуштање на функцијата на градоначалникот на нивната општина“.

За да биде успешно гласањето, треба да гласаат најмалку 50 отсто плус еден граѓанин. Доколку се исполни овој услов, тогаш вонредните избори ќе се одржат во законските рокови.

Во случај учеството да биде помало од 50 отсто, тогаш гласањето се смета за неуспешно и не може да се преземе друга иницијатива пред да поминат 12 месеци.

Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, но и други субјекти од оваа заедница, објавија дека нема да учествуваат на ова гласање и истото го побараа од српските граѓани од таа област.

Поранешните српски градоначалници на општините поднесоа оставки во ноември 2022 година по одлуката на Владата за промена на српските со косовски регистарски таблички. По неколку месеци, на 23 април 2023 година, се одржаа нови избори на север, но истите беа бојкотирани од Српска листа и од српските граѓани. Тоа влијаеше на слабиот одѕив на граѓаните во гласањето и резулира со победа на кандидатите на партиите на косовските Албанци. Подоцна, по протестите на тамошните Срби поради влегувањето на новите градоначалници во општинските згради со асистенција на полицијата, на барање на меѓународниците, Министерството за локална самоуправа изготви административно упатство во кое се предвидуваат процедурите како да се оди на избори преку петиција.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/04/2024 15:38