Најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, по завршувањето на процесот на гласање за разрешување на градоначалниците во четирите општини во северно Косово, синоќа оцени дека гласањето претеставувало фарса организирано од, како што вели, „режимот на Албин Курти“, јави дописникот на МИА од Приштина.

По објавувањето на резултатите од вчерашното гласање, на кое излегоа само 203 од над 46 илјади регистрирани гласачи во општините Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица, со што референдумот се прогласи за неуспешен, СЛ оцени дека вчерашниот ден „покажа висок степен на единство на српскиот народ“.

„Српскиот народ (во Косово)... остана доследен на себе, но и докажа дека не се Српската листа и Србија тие кои ги плашат Србите, туку Курти и неговата нелегална параполиција, што резултираше со празни улици на северот“.

Според СЛ, неделата покажала неколку работи кои треба да се земат предвид во следниот период, пред се од претставниците на меѓународната заедница.

„Првата е дека Српска листа беше длабоко во право кога го повика српскиот народ да не учествува во оваа игра на Курти, бидејќи таа беше создадена од почетокот со намера да пропадне“, се вели во соопштението.

Како второ, од СЛ велат дека биле подготвени да учествуваат во овој процес, но, според нив, не сакале да ја играат „играта во режија на Курти“, со која, според нив, воопшто не било планирано заминување на актуелните претседатели.

„Трето, денешниот ден покажа како изгледа демократијата под Албин Курти, со долги цевки, со специјалци и оклопни возила на избирачките места, камери кои ги снимаат гласачите и како тие се изјаснуваат, одборници во избирачките одбори, избирачки одбори без Србин во нив и без српски јазик на многу избирачки места“, се вели во соопштението на СЛ.

Во четирите општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, вчера се одржа гласање за разрешување на градоначалниците, како услов за распишување нови локални избори во тие општини, откако минатогодишните избори косовските Срби ги бојкотираа.

За да биде успешно гласањето, требаше да гласаат најмалку 50 отсто плус еден граѓанин. Доколку се исполнеше овој услов, тогаш вонредните избори ќе се одржеа во законските рокови. Со оглед дека учествуваа помалку од 50 отсто, гласањето се смета за неуспешно и не може да се преземе друга иницијатива пред да поминат 12 месеци.

Поранешните српски градоначалници на општините поднесоа оставки во ноември 2022 година по одлуката на Владата во Приштина за промена на српските со косовски регистарски таблички. По неколку месеци, на 23 април 2023 година, се одржаа нови избори на север, но истите беа бојкотирани од Српска листа и од српските граѓани. Тоа влијаеше на слабиот одѕив на граѓаните во гласањето и резулира со победа на кандидатите на партиите на косовските Албанци. Подоцна, по протестите на тамошните Срби поради влегувањето на новите градоначалници во општинските згради со асистенција на полицијата, на барање на меѓународниците, Министерството за локална самоуправа изготви административно упатство во кое се предвидуваат процедурите како да се оди на избори преку петиција. По успешната петиција се одреди датумот за гласање, меѓутоа српските политички субјекти од областа, непосредно пред него, објавија дека истото ќе го бојкотираат.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2024 18:09