Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, денеска по повод измените на поглавјето 35 во преговорите со Србија изјави дека се очекува Белград и Приштина да го спроведат Договорот за нормализирање на односите и сите други обврски што преостануваат од дијалог бидејќи, како што нагласи, тоа е клучно за нивниот пат кон ЕУ.

„Двете страни прифатија дека нивните соодветни обврски кои произлегуваат од Договорот за патот кон нормализација ќе станат составен дел од нивните патишта кон европска интеграција. Анексот за имплементација склучен во март 2023 година во Охрид, исто така, ја одразува оваа заложба на страните“, пренесоа белградските медиуми изјава на Стано .

Тој ја поздрави одлуката на дипломатите на ЕУ да усвојат амандмани на поглавјето 35 во пристапните преговори со Србија, според кои Србија треба целосно да ги спроведе своите обврски што произлегуваат од Договорот за патот кон нормализација на односите, во согласност со анексот за спроведување, договорен за 18 март 2023 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2024 05:07