Претседателот на Србија Александар Вучиќ на приемот на постојаните претставници на Обединетите нации во Њујорк повика на отфрлање на предложената резолуција за геноцид во Сребреница. Тој ги повика членките на ОН да гласаат против резолуцијата, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ изјави дека Србија е отворена за дијалог и преговори и дека за шест месеци колку што траеле подготовките за усвојување на резолуцијата никој за тоа не ја известил Србија, ниту дел од Босна и Херцеговина и дека се е направено во тајност, а неопходно е тој процес да биде инклузивен.

Тој додаде дека во Босна и Херцеговина немало дискусија ниту договор за текстот на резолуцијата и дека оваа одлука ги поделила народите на таа земја, со противење на легитимните претставници на Србите и игнорирање на институциите, законите и Уставот на Босна и Херцеговина.

Вучиќ им порача на странските дипломати дека усвојувањето на резолуцијата за Сребреница ќе доведе до нови тензии на Западен Балкан.

- Не само што оваа резолуција нема да донесе мир и да ги залечи раните од минатото, туку ќе го продлабочи јазот меѓу народите и ќе доведе до нови тензии на Западен Балкан. Затоа бараме оваа резолуција да се повлече, а доколку не се повлече, ги повикуваме членките да гласаат против, рече Вучиќ на приемот организиран од Постојаната мисија на Србија во Обединетите нации за постојаните претставници на државите членки на ОН.

Кога станува збор за дијалогот со Косово, Вучиќ на приемот рече дека верува оти процесот ќе продолжи и оти ЕУ „ќе успее да наметне нешто што ни го гарантирале 11 години“, а тоа е формирање на ЗСО.

Тој додаде дека се надева оти тоа ќе остане предуслов за членство на Приштина во Советот на Европа



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2024 05:14