Извештајот регистрира, без понатамошна истрага, пријави од невладини организации за кои не се спроведува независна контрола, соопштија од грчкото МНР во врска со извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во Грција во 2023 година и додадоа дека Владата „ќе продолжи да му служи на владеењето на правото“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во извештајот од Стејт департментот пишува дека минатата година, Грција не направила значителни промени во состојбата со човековите права, ги споменува наводите за „сурово, нехумано или понижувачко постапување или казнување на притворените и на мигрантите и барателите на азил од страна на органите за спроведување на законот“, за кривични дела кои вклучуваат насилство кон национални, расни или етнички малцински групи и кон членови на ЛГБТ+ заедницата.

Додаваат дека иако Владата презела чекори за истрага, кривично гонење и казнување на они кои извршиле кршење на човековите права, сепак од невладини организации и меѓународни организации имало пријави за неуспехот ефикасно да ги истражи наводите за присилно враќање на барателите на азил и да бара одговорност.

Во соопштението од Министерстрвото за надворешни работи на Грција пишува дека поради нејасната регистрација, „во сите земји со развиено владеење на правото, се појавуваат сериозни прашања поврзани со човековите права“.

-Особено важно за интегритетот, веродостојноста и објективноста на извештајот е фактот што не беше побаран став од државата во однос на споменатите прашања, соопштуваат од МНР.

Додаваат дека иако се препознава напредокот во однос на заштитата на правата во земјата, сепак извештајот не ги споменува или целосно ги игнорира промените за заштита на правата на ранливите категории како што се лицата со посебни потреби, ЛГБТ+ заедницата и децата бегалци без придружба.

-Грчката Влада ќе продолжи доследно да им служи на демократијата и владеењето на правото во Грција, продлабочувајќи ја суштинската рамноправност на граѓаните и нивните индивидуални и социјални права и подобрувајќи го нивниот животен стандард, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција.

Лидерот на опозициската СИРИЗА Стефанос Каселакис, преку Х коментираше дека „два месеци по резолуцијата-понижување на Европскиот парламент за владеењето на правото во Грција, сега доаѓа извештајот-понижување од Стејт департментот за човековите права во Грција“ и истакна дека „што се однесува до нас, 50 години по обновувањето на демократијата во земјата каде што се роди, имаме должност да го запреме институционалниот пад“.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/04/2024 04:15