Опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК) соопшти дека со загриженост го примила извештајот на американскиот Стејт департмент за Косово и побара од обвинителството да дејствува во однос на изнесените забелешки во него, јави дописникот на МИА од Приштина.

Издвојувајќи дел од извештајот каде што се вели дека има сериозна владина корупција, ЛДК во денешното соопштение оценува дека Стејт департментот ставил печат на неспособноста и корупцијата на Владата.

- ЛДК во континуитет ги нагласува … сомнежите за корупција од страна на Владата, вклучително и стотици тајни тендери кои оваа влада ги има потпишано, вредни над 240 милиони евра. Значи има пропаганда и нема борба против корупцијата, како што тврди Владата на Косово, а тоа го потврди и извештајот на Стејт департментот, се вели во реакцијата.

Опозициската партија го повика Обвинителството да ги третира сите изнесени грижи, барајќи законот да се спроведува „без никакви пречки и сериозно да се истражат сомнежите за корупција и неодговорност на власта“.

- ЛДК е посветена да продолжи да го крева гласот во одбрана на нашите институции од корупцијата што ја инсталира оваа Влада. И ЛДК ќе ги искористи сите институционални механизми одговорните за нивните постапки да се најдат пред законот. Косово заслужува чиста и праведна влада за сите негови граѓани и ние сме решени да работиме за остварување на оваа цел, се вели во реакцијата.

Во извештајот на Стејт департментот за човекови права се наведува дека во текот на 2023 година немало значителни промени во состојбата со човековите права на Косово.

Меѓу најважните забелешки во однос на човековите права се оние за сериозни проблеми со независноста на судството, сериозни ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, вклучително и преку насилство или закани врз новинари, сериозна владина корупција, широко распространето родово насилство, вклучително насилство во семејството или врз партнерите, како и насилни злосторства или закани за насилство врз етничките малцинства и другите заедници.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/04/2024 04:15