Минатата седмица грчката полиција уапсила 379 лица по поднесени пријави за семејно насилство, а 23 жртви биле пренесени во центрите за згрижување, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерството за заштита на граѓаните на Грција информираше за резултатите од спроведувањето на новиот план на полицијата за справување со криминал, семејно насилство и врсничко насилство.
Согласно неделниот извештај, во периодот од 15 до 21 април, полицијата примила 1.025 повици за семејно насилство, а на 81 жена – жртва на насилство ѝ била инсталирана специјалната апликација за помош „Panic Button“ на грчката полиција .
Биле пријавени 633 случаи на семејно насилство, при што биле уапсени 379 лица, а 23 жртви на насилство биле пренесени на безбедни локации.
Во однос на малолетничката деликвенција и врсничкото насилство биле извршени проверки на 6.004 лица, од нив 344 биле приведени, а 160 уапсени и биле потврдени 270 прекршоци.