Во супермаркетите во Грција од денеска се воведува „Велигденска кошничка“, односно на постоечката „Кошничката за домаќинствата“, со основните продукти се додаваат производи поврзани со Велигден, чии цени треба да останат исти или да има минимални зголемувања, јави дописничката на МИА од Атина.

„Велигденска кошничка“ содржи јагнешко и козјо месо, милиброд и велигденски чоколадни јајца, а ќе биде во сила до 4 мај 2024 година

„Велигденска кошничка“ заедно со „Посната кошничка“ поврзана со велигденските пости и „Кошничката на кумовите“ односно подароците што кумовите традиционално ги купуваат за Велигден за децата кои ги крстеле, претставуваат проширување и дополнување на „Кошничката за домаќинствата“, со основните продукти, со прифатливи цени за потрошувачите, што веќе речиси 19 месеци се спроведува во маркетите.

Министерот за развој на Грција Костас Скрекас истакна дека во пракса ја покажуваат поддршката на домаќинствата „за семејните трпези да бидат исполнети со неопходните продукти по најниски можни цени“.

-Иницијативите како што е „Велигденската кошничка“ ја зголемуваат и конкуренцијата меѓу прехранбените компании во корист на потрошувачите, рече Скрекас.

Пракса на грчката Влада е „Кошничката за домаќинствата“ во одредени периоди од годината да се дополнува со сезонски продукти, како што беше случај за Божиќ, кога беа воведени производи поврзани со божиќната трпеза.

„Кошничката за домаќинствата“ во грчките супермаркети беше воведена во ноември 2022 година, а содржи над 50 производи, меѓу кои ориз, леб, двопек, брашно, макарони, свинско и пилешко месо, риба, млеко и млечни производи, јогурт, јајца, различни видови сирење и кашкавал, зејтин, шеќер, кафе, какао, сокови, бебешка храна, средства за чистење, детергенти, тоалетна хартија, паста за заби, производи за лична хигиена, влошки, сапун, антисептик, пелени, храна за кучиња и мачки итн.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2024 04:26