Министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен изјави дека на денешната средба со нејзината косовска колешка, Доника Гервала разговарале за дијалогот меѓу Косово и Србија и нормализацијата на односите меѓу двете земји, јави дописникот на МИА од Приштина.
На прес-конференција по средбата, Валтонен рече дека Финска е поддржувач на Косово, нагласувајќи дека ќе направат сé за да се постигне нормализација меѓу Косово и Србија.
„Разговаравме за дијалогот Приштина-Белград и за нормализација на односите, а Финска силно го поддржува тоа. Подготвени сме да сториме сé за да ве поддржиме на тој пат“, изјави Валтонен.
Шефицата на финската дипломатија порача дека нејзината држава била и секогаш ќе остане силен пријател на Косово.
„Финска беше и останува силен пријател на Косово и ова беше истакнато на средбата што ја имавме денеска. Оваа силна поддршка за Косово, несомнено датира од времето кога ја стекна независноста. Ние го поддржуваме Косово во напорите за членство во ЕУ, како и во НАТО алијансата“, нагласи Валтонен.
Таа информира дека на средбата се разговарало и за јакнење на соработката меѓу двете земји, вклучително и во трговијата и во други области.
Министерката за надворешни работи на Финска, Елина Валтонен денеска пристигна во Косово.
По средбата со Гервала, финската дипломатка во 15 часот ќе биде примена од косовскиот премиер, Албин Курти