Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно сумирање на гласовите), што претставува математичко-статистички научен метод, одѕивот на гласачите до 9:00 часот е 3,6 проценти, додека до 10:00 часот е 6,6 отсто, информираат од Граѓанската Асоцијација МОСТ.
По првиот пресек за излезноста во гостиварскиот регион на гласање излегле околу два процента од запишаните избирачи.
До 10 часот во рамки на општина Тетово гласале 2,35 отсто или 1961 од вкупно 83.367 гласачи распределени на 117 избирачки места. Во првиот круг излезноста до истиот период односно три часа по отворањето беше 3,58 отсто.
Во Општина Велес навреме точно во сефум часот беа отворени сите 84 избирачки места на кои од вкупно 45.996 евидентирани гласачи со право на глас за претседателските избори во вториот изборен круг до 10 часот гласале 3.603 гласачи или 7,83 проценти.
Мирно и без проблеми тече гласањето на 77 избирачки места во општина Штип, каде што право на глас имаат вкупно 41.772 гласачи.
Излезноста во Општина Кичево е многу пониска во споредба со претходниот изборен циклус, иако можеби е оправдување фактот што цело претпладне во Кичево има интензивни врнежи од дожд.
Текот на гласањето во општините Дебар и Центар Жупа минува без проблеми, но, со слаб одѕив на гласачи.
Своето право на глас до 10 часот, на 36 избирачки места во Делчево го оствариле 11,6 проценти од регистрираните гласачи во избирачкиот список.
До 10 часот на избирачките места во Општина Гевгелија излегле да гласаат 1.867 граѓани што претставува излезеност од 9,7 отсто. Гласањето во вториот круг од претседателските избори тече во демократска атмосфера и се одвива без проблеми, соопшти претседателката на ОИК, Роберта Јанчева.
Во општините Битола, Демир Хисар, Новаци и Могила, слободно и мирно се гласа.