Новиот шеф на стручен штаб на Вардар, Чедомир Јаневски на вчерашната промоција ја истакна својата благорадност од укажаната доверба да биде дел од ова семејство во кое што како играч се афирмираше и потоа замина во странство. Јаневски вети професионална работа, и се надева дека ќе биде искористена шансата на утрешниот меч со Фенербахче екипата да напише историја.
„Сакам да искажам благодарност до управата на Вардар што ми ја додели оваа улога да се вратам во клубот во кој ја стекнав мојата најголема афирмација како играч. Преку овој клуб направив интернационална кариера. Многу сум задоволен и среќен што ќе бидат дел од ова семејство. Се надевам дека со професионална работа, заедно со стручниот штаб и со играчите, ќе продолжиме онаму каде што застанавме. Сите сме фокусирани на тоа да успееме во овој тим кој што е бренд не само во Македонија, туку и на територијата во поранешна Југославија. Навистина претставува не само чест, туку и обврска да се биде дел од Вардар“, рече Јаневски.
Новиот шеф на стручниот штаб на Вардар сега се фокусира кон следниот предизвик, а тоа е турскиот тим Фенербахче во рамките од плеј-офот од Лигата на Европа.
„Кратко време сум тука. Ова вечерва ќе ми биде втор тренинг. Но нема оправдување. Со повеќето играчи од овој тим на Вардар веќе имам искуство кога бев селектор на националниот тим и добро ги познавам. Нашиот утрешен противник Фенербахче е добро анализиран, и како што кажа нашиот капитен, не треба да се трошат зборови за каква екипа станува збор. Вардар има ретка шанса да биде првиот тим кој што ќе обезбеди пласман во групна фаза од европско натпреварување. Ќе има голема борбеност, и ќе биде умешност да се надигра Фенербахче кој што е голем тим во Турција. Станува збор за одлична екипа со исклучителни индивидуални способности. Меѓутоа и Вардар има шанса да покаже дека има квалитет и сето она што му треба да направи успех во Европа.“, изјави новиот шеф на стручниот штаб на „црвено-црните“.