Само десетина дена по освојувањето на Суперкупот на Европа, клубот од Мадрид ризницата ја збогати со уште еден пехар.
По победата на „Камп ноу“ (3-1), Реал Мадрид повторно демонстрираше сила над најголемиот ривал, па на „Сантијаго Бернабеу“ славеше со 2-0 и со тоа го освои Суперкупот на Шпанија.
Мадриѓаните фуриозно го почнаа овој натпревар. Уште во четвртата минута Марко Асенсио со преубав удар го матираше Тер-Штеген и со тоа најави уште едно квалитетно издание на Реал.
Предноста на кралскиот клуб ја удвои Бензема во 20-тата минута, по што Реал максимално успеа да го ублажи ритамот на натпреварот. Топката се пресели во нозете на играчите на Барселона, но Каталонците не успеаја ниту еднаш да ја затресат мрежата на Кејлор Навас.
Реал играше без првата ѕвезда на тимот, Кристијано Роналдо, кој е суспендиран поради црвениот картон и туркањето на судијата на првиот натпревар.