Бразилскиот фудбалер Габриел направи трансфер во Валенсија од Арсенал и потпиша петгодишен договор, а англиските медиуми тврдат дека „топчиите“ за него заработиле 12 милиони евра.
Дефанзивниот играч од Сао Паоло во Лондон дојде во јануари 2015 година и оттогаш настапи 64 пати, но не успеа да се избори за постојано место во поставата меѓу избраниците на Арсен Венгер.
„За многумина навивачи, неговиот најдобар настап во дресот на Арсенал беше во полуфиналниот минатосезонски ФА куп, во победата над Манчестер сити, кога со неговата доминација и дуелите во воздух ни помогна да влеземе во финалето“, стои во поздравното соопштението на Арсенал од Габриел.
Габриел кариерата ја почна во Виторија од Салвадор, а во 2013 година направи трансфер во Вилјареал, од кого отиде во Арсенал пред две и пол години.
Бразилскиот фудбалер во четвртокот пристигна на прегледите во Валенсија, каде што повторно ќе соработува со Марселино, со кого работеше во редовите на „жолтата подморница“.
„Пресреќен сум. Разговарав со Марселино во неколку наврати и многу добро ја познавам неговата работа“, изјави Габриел. Габриел е трето засилување на Валенсија ова лето, а претходно на „Месталја“ стигнаа Немања Максимовиќ од Астана и бразилскиот голман Норберто Нето.