Во Скопје беа потврдени најавите дека ќе има измени во составот на Милан за вечерашниот реванш-натпревар со Шкендија на „Телеком арената“.

„Росонерите“ до крајот на годината ќе се борат на четири фронта, па менаџерот Винченцо Монтела изјави дека ќе поштеди дел од фудбалерите за натпреварот во Скопје, а на таа негова одлука големо влијание има и убедливиот резултат од 6-0 од првата средба со Шкендија на „Сан Сиро“.

„Дојдовме со комбиниран состав и вечерва ќе направам некои измени во тимот. Но, тоа не значи дека го потценуваме противникот. До крајот на годината нè очекуваат многу средби. На секои три дена ќе имаме обврски, па затоа е неопходно да ротираме. Широкиот фонд играчи што го имаме на располагање го овозможува тоа. И нив им се потребни свежина и одмор. Да не заборавиме дека доаѓаат и репрезентативни активности“, изјави Монтела на синоќешната прес-конференција во хотелот „Мериот“, каде што е сместен италијанскиот гигант.

Монтела изјави дека реваншот на „Телеком арената“ е подеднакво важен за Милан како и првиот натпревар на нивен терен, а додаде дека гостувањето во Скопје е важно од аспект на индивидуалниот и колективниот пристап во ситуацијата кога се има убедлива предност како нивната од Милано во Скопје.

„Секој натпревар е важен за нас. Исклучок не е ниту денешниот, кој ќе биде поинаков од првиот. Од една страна, поради измените што ги планирам, а од друга страна, и од желбата на Шкендија за поправање на впечатокот пред нејзина публика.

Важна ни е Лигата на Европа како што ни е важна и Серија А. Имаме убедлива предност, се гледаме како учесници во групната фаза, но не е сеедно како ќе одиграме. Шкендија „согоре“ во желбата во Милано и не мислам дека разликата од шест гола е дотолку реална“, заклучи менаџерот на Милан или популарното „авионче“, прекар што го доби за начинот на прослава на головите во дресот на Рома.

Во тимот на Милан во Скопје нема да бидат: голманот Џанлуиџи Донарума, дефанзивните играчи Конти, Мусачо, Палета и Родригез, играчите од средниот ред Бонавентура, Монтоливо, Билја, Соса, напаѓачите Чалханоглу, Нијанг и Калиниќ, кој во текот на оваа недела дојде во Милано како играч на заем од Фиорентина.

Реванш-натпреварот меѓу Шкендија и Милан се игра вечерва, од 20.45 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/08/2017 16:03