Кристијано Роналдо, фудбалерот на Реал Мадрид, во Монако е прогласен за најдобар фудбалер на Лигата на шампионите во минатата сезона, како и за најдобар напаѓач.
Роналдо минатата сезона ја освои шампионската титула на Европа со Реал, постигна 12 голови и имаше шест асистенции во најелитното европско натпреварување. Тој во финалето против Јувентус во Кардиф постигна два гола во победата од 3-1.
Во конкуренција за најдобар играч беа и Лионел Меси, фудбалерот на Барселона, и голманот Џанлуиџи Буфон, капитенот на Јувентус.
Наградата за најдобар напаѓач во минатата сезона заслужено му припадна на Роналдо, ѕвездата на „кралевите“, кој стана прв играч кој постигнал голови во три финалиња на Лигата на шампионите.
За најдобар голман е прогласен Џанлуиџи Буфон, легендарниот капитен на Јувентус, додека за најдобар дефанзивен фудбалер во минатата сезона Серхио Рамос, капитенот на Реал Мадрид.
Неговиот соиграч Лука Модриќ е прогласен за најдобар играч за врска.
За најдобра фудбалерка е прогласена Холанѓанката Лике Мартенс, која оваа година со репрезентацијата го освои Европското првенство.
Наградата на претседателот на УЕФА Александер Чеферин ја доби Франческо Тоти, легендарниот фудбалер на Рома.
Тој е трет Италијанец кој ја добил таа награда по Џани Ривера и Паоло Малдини.