Екипата на тетовска Шкендија и во реваншот од баражот од Лига Европа загуби од поранешниот европски шампион Милан. Гостите од Италијан синоќа во Скопје ја оправдаа фавористката улога, иако настапија со комбиниран тим. Милан победи со 1:0 или со вкупни 7:0 беше подобар од Шкендија. Единствениот гол го постигна Патрик Кутроне во 13.минута.

На прес конференцијата по натпреварот тренерот на Шкендија Ќатип Османи изјави дека неговите фудбалери и покрај поразот одиграа солиден натпревар и заслужија подобар резултат.

– Имавме шанси, но бевме брзоплети во завршницата. Во вториот дел бевме многу поопасни. Мора да им се заблагодарам на сите моите фудбалери за една успешна европска приказна ова лето, рече Османи.

Тренерот на гостите Винченцо Монтела беше задоволен од втората победа.

– Малку експериментиравме со овој систем. Кога се победува без да се прими гол секогаш е добро. Во вториот дел ритамот опадна и немаше многу фудбал од наша страна. Очекував ваков натпревар, македонските екипи не се слаби. Вардар го елиминира Фенербахче, а пред неколку дена беше поразен од Шкендија. Ова беше вистинското издание на Шкендија, а не онаа од Милано, изјави Монтела.

Шкендија исто како и лани натпреварите од Лига Европа ги заврши во баражот.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/08/2017 09:22