Шефот на стручниот штаб на Вардар, Чедомир Јаневски, на прес-конференцијата после натпреварот со Фенербахче, ги искажа своите импресии од оваа историска вечер во која што нашиот тим обезбеди пласман во групната фаза од Лигата на Европа.

„Мислам дека го заслуживме ова. Честитки до играчите кои што ја напишаа оваа историја на клубот. Вардар две години по ред беше блиску до пласман во групна фаза, и еве успеа оваа година. Знаевме дека вака ќе игра тимот на Фенербахче, и затоа трениравме и се подготвувавме. Имавме и шанси во првиот дел да дојдеме до гол, знаете после онаа шанса на Барсегјан. Во вториот дел после водството на противникот знаевме дека ќе имаме шанса преку проивнапади, и тоа се случи. Дадовме гол, а на крајот и уште еден за оваа голема победа. Ова е голема вечер за нас, историска затоа што го направивме најголемиот успех. Ова е успех на Вардар и на целокупниот македонски фудбал“, рече Јаневски.

Шефот на стручниот штаб беше прашан колку пари ќе заработи Вардар со овој триумф и пласман во Лигата на Европа, на тоа одговори:

„Не знам навистина колку пари ќе заработи клубот, но знам дека оваа победа и овој успех не се купува со пари. Овој успех е на играчите, јас верував во нив, тие веруваа во мене и заедно стигнавме онаму каде што заслужуваме. Исто така тука е и раководството и нашиот сопственик господинот Самсоненко кој што со своите вложувања има голем придонес во овој успех“, рече Јаневски.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/08/2017 09:40