Шефот на стручниот штаб Чедомир Јаневски на денешната прес-конференција на ФК Вардар, истакна дека пласманот во групната фаза во Лигата на Европа е историски успех за клубот и за македонскиот фудбал и дека до таму е стигнато благодарение на многу фактори.
Јаневски најпрво истакна дека екипата ќе треба да се подготви за првиот предизвик во Лигата на Европа, а тоа е натпреварот на домашен терен против Зенит.
„Ја добивме групата вчера, и можам да кажам дека истата е тешка ккао и сите останати. Ние тука на Балканот повеќе би сакале тимови од средна Европа, Италија, Германија, Франција... Но, групата е таква каква што е и треба да се подготвуваме за неа. Имаме свои цели. Се боревме многу да излеземе на оваа сцена и заслужено сме тука. Треба да ги анализираме противниците, и да се подготвуваме веќе за првиот натпревар и против Зенит на домашен терен. За тој тим не треба многу да се зборува. Противникот е составен од многу репрезентативци. Имаат нов тренер Роберто Манчини, а колку можев да видам донесоа и неколку аргентински играчи. Ќе испратиме и наш човек во живо да гледа еден натпревар после репрезентатициите. Да собереме што е можно подобри информации и да се подготвиме за тој натпревар. Еурфијата е голема, и се надевам дека ќе ги израдуваме нашите навивачи и во групната фаза. Многу малку ни даваа шанса и на двата натпревари со Фенербахче, но Вардар покажа дека може. Колку бодови ќе собереме не знаеме, и ќе видиме на почеток на декември. Верувам во играчите, иако ќе биде исцрпувачка есен со оглед дека ќе немаме воопшто слободни термини. Патувањата во Европа се долги и на тоа треба да се разимслуваме. Но, за мене како тренер размислувањата се дека е подобро да играме натпревари околку само да тренираме“, изјави Јаневски на денешната прес-конференција.
Шефот на стручниот штаб истакна дека екипата на секој натпревар ќе оди на добар резултат.
„На секој натпревар на сите три натпреварувања ќе одиме да освојуваме бодови и да оствариме добри резултати. Кога дојдов во Вардар од мене се бараше титула, Куп и успех во Европа. Во прв план ни е првенството и да се бориме за титулата. Затоа што за да излеземе во Европа ќе ни биде потребна добра позиција во првенството. Исто така важно е играњето во Европа за подобрување на рејтингот за да бидеме носителни следната сезона. Ќе одиме фронтално, ќе ротираме играчи да направиме на секој натпревар тим кој што ќе постигнува добри резултати“, рече Јаневски.
Јаневски на крајот потенцираше дека и покрај тоа што дојде во клубот на само два дена пред првиот дуел со Фенербахче, верувал дека тимот може да дојде до изненадување.
„Се случи некако брзо. Ме побараа во клубот каде што ја доживеав најголемата афирмација, се поклопија коцките јас да немам ангажман, и брзо се договоривме. Иако бев далеку, го следев Вардар. Лично еден натпревар видов преку интернет со Копенхаген, и можам да кажам дека во тој момент видов еден тим кој што може да направи изненадување. Иако ја превземав екипата само два дена пред Фенербахче, секогаш како човек и како победник размислував дека ќе одиме понатаму. Ако не верувам во себе не би можел да ги мотивирам ниту своите играчи. Знаев дека со добра работа, дисциплина и организација ќе можеме да ги минеме. Исто така и играчите го исполнија она што го барав од нив и заедно успеавме“, заврши шефот на стручниот штаб на Вардар.