Дарко Панчев, спортскиот директор на Ф.К. Вардар на денешната прес-конференција која се одржа во фудбалската Академија на Вардар, истакна дека клубот направи голема работа што се пласираше во групната фаза од Лигата на Европа, но се надева дека ова ќе биде мотив за да се повторува успехот и во следните години.
„Искрено ми беше полесно кога играв отколку сега кога сум на оваа функција. Бев многу нервозен, но верував дека имаме можност да направиме големо изненадување. Ако објективно ги анализираме работите, мислам дека Фенербахче за овие простори е како Реал Мадрид за Европа. Навистина елиминиравме еден голем клуб. Никој не очекуваше дека Вардар ќе направи изненадување во двата натпревари со таков клуб. Меѓутоа апсолутно заслужено се пласиравме во групна фаза благодарение на одлична тактика и одлична игра и нормално благодарение на тренерите и на играчите. Многу ми е драго затоа што Македонија долго чекаше на еден ваков успех. Меѓутоа веднаш му кажав на нашиот сопственик г-нот Сергеј Самсоненко, без кого ова немаше да се случи, дека ова ќе треба да биде мотив и за понатаму и овој успех да го правиме секоја или секоја втора година и да се навикнуваме на вакви успеси и ние ќе работиме тоа да се случува“, изјави Панчев.