Македонската фудбалска репрезентација ја прекина негативната серија со Израел и ја забележа втората победа во квалификациите за Светското првенство во Русија следната година.

Горан Пандев во 74-тата го постигна единствениот гол на „Сами Офер“ стадионот во Хаифа и стави крај на четирите победи на Израел во меѓусебните дуели.

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски одиграа одличен натпревар и ги имаа најголемите шанси на натпреварот.

По почетниот притисок на Израелците македонските репрезентативци предводени од Пандев, Барди и Алиоски ја преземаа контролата на натпреварот. Македонија преку Кире Ристевски постигна гол по една нафрлена топка, но рускиот судија Есков неоправдано го поништи. Домаќините во 33-тата минута за малку ќе постигнеа автогол, но дирекот го спаси домашниот голман Глазер.

Во второто полувреме Израелците тргнаа поофанзивно, но не успеаја да создадат стопроцентна шанса. Пандев имаше шанса по една нафрлена топка од корнер, но не успеа добро да ја зафати топката и да ја прати во небранетата мрежа.

Во 73-тата минута нововлезениот Елмас одлично го проигра капитенот Пандев, Тој ја прими топката во шеснаесетникот и со удар од „прва“ го совлада домашниот голман.

До крајот на натпреварот домашните фудбалери не успеаја посериозно да го загрозат нашиот гол и Македонија од Израел се враќа со втората победа на гостински терен во овие квалификации со која се реваншира на Израелците за поразот од 2-1 во првиот натпревар во Скопје.

Во другите натпревари од нашата група Албанија немаше проблеми против Лихтенштајн и славеше со 2-0, а во дербито на групата Г Шпанија славеше со 3-0 против Италија со двата гола на Иско и Мората.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2017 00:56