Вечерашните квалификациски натпревари го одбележаа сензационалниот резултат на дуелот меѓу Франција и Луксембург во кој гостите успеаа да освојат бод.

Мечот во Тулуз заврши без победник 0-0, а фаворизираната селекција на Франција очекуваше убедлив триумф откако пред три дена ја декласираше Холандија совладувајќи ја со 4-0. По ремито со Луксембург, Триколорите пропуштија шанса да направат крупен чекор кон обезбедување на пласман на Мундијалот на две кола пред крајот на квалификациите и и дадоа шанса на селекцијата на Шведска, која заостанува еден бод да се бори за првото место.

Во двата дуели од Б групата победи на гостинските екипи. Португалија славеше на Унгарија со 1-0 додека Швајцарија ја совлада Летонија со 3-0.

По победата од 2-1 на гостувањето против Грција, селекцијата на Белгија обезбеди пласман на Светското првенство. Белгијците поведоа со голот на Јан Фернтонген во 70-тата минута. Три минути подоцна израмни Зека, а во 74-тата Ромелу Лукаку беше прецизен за триумг на Белгија.

Во последниот натпревар од Х конкуренцијата, Босна и Херцеговина триумфираше со 4-0 на гостувањето против Гибралтар.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2017 00:34