Филипе Кутињо, фудбалерот на Ливерпул, откако не добил дозвола да направи трансфер во Барселона, дополнително е сместен во списокот на играчи за Лигата на шампионите.
Кутињо поради сагата околу трансферот за во каталонскиот клуб не играше во квалификациите за Лигата на шампионите против Хофенхајм, но бидејќи Ливерпул одби да го пушти на „Камп ноу“ дури и за 150 милиони, одлучи да го лиценцира за елитното натпреварување.
Бразилецот првиот официјален натпревар оваа сезона би требало да го одигра претстојниот викенд, против Манчестер сити во Премиер лигата, на што се радува менаџерот Јирген Клоп.
„Ситуацијата заврши онака како што сакавме. Борусијаѝ го продаде Дембеле на Барселона, но не можам да ги споредам тие две работи. Ние во нашиот состав имаме добар играч кој може да ни помогне“, изјави Клоп, а пренесува „Скај спорт“.
Првиот натпревар во Лигата на шампионите Ливерпул ќе го игра против Севилја, на 13-ти септември на „Енфилд роуд“. Во групата Е се уште Спартак од Москва и Марибор.