Сопственикот на Вардар, г. Сергеј Самсоненко, на денешната прес конференција одржана во просториите на фудбалската Академија на Вардар, изјави дека нема намера да замине од клубот, и покрај тоа што пред извесно време со писмо во медиумите најави дека по завршувањето на сезоната ќе се повлече од финансирање на сите клубови.
„Пред извесно време донесов одлука дека од наредната сезона нема да инвестирам во трите клуба Вардар. Причината беше тоа што одредени медиуми пишуваа невистини, лаги и ги превртуваа фактите. Ми се собра до срце, и таа одлука ја кажав со жешка глава, и со многу емоции. Сакам да порачам на тие што пишуваат лаги, дека Вие немате ниту срам, ниту совест. Ве сметам како предавници на Македонија, затоа што не сум направил ништо лошо за оваа држава, ја засакав како своја, направив само добри работи. Тоа е дно да се прави такво нешто. Затоа, јас нема да заминам од Вардар, тука ќе сум засекогаш. Ги повикувам сите да нè поддржат и заедно да се бориме со сите неправди. Сигурен сум дека ќе има многу успеси“, изјави Самсоненко.
Нашиот сопственик реагираше и на одлуката за поскапување на цените за употреба на Нацоналната Арена „Филип Втори“, непосредно пред натпреварот со Зенит.
„Би сакал да кажам нешто и за стадионот и за цената која му беше поставена на Вардар. Нашите соседи Ц. Звезда и Партизан ми дадоа информација за трошоците, клубот плаќа по 30.000 евра годишно, плус трошок за користење на рефлекторите. Плус-минус 500 евра по натпревар. Исто така, побарав информации и од Белгија. Во градот Бриж се два клуба Клуб Бриж и Серкл Бриж, кои имаат големи бенефиции и не плаќаат како тука. Се надевам дека власта ќе ја земе работата во свои раце и ќе ги преземат сите мерки да застанат зад Вардар и ќе застанат за клубот“, додаде Самсоненко.
За крај, сопственикот на Вардар кажа нешто и за мечот во Лига Европа на кој македонскиот клуб беше поразен со високи 0-5.
„Честитки за Зенит, а ние заслужуваме критики. Целосно потфрливме и лошо одигравме. Не е за оправдување, но нашите момци, сепак, заслужуваат поддршка. Нашето мислење е дека фудбалерите изгореа во желбата за добар резултат. Има лош ден и во фудбалот, тежок е поразот, но наше е сега да се сплотиме и да продолжиме. Од овој пораз ќе извлечеме поуки и ќе бидеме многу посилни. Тоа не беше вистинското лице на екипата“, изјави Самсоненко.
Сопственикот на Вардар потврди дека се бара соодветна локација за изградба на нов стадион во иднина за потребите на клубот.
„Ние веќе сме во преговори за наоѓање на локација за изградба на стадион. Сите информации кои што излегоа во јавноста, се од друго место, а не од нашиот клуб“, рече г. Самсоненко.