Кристијано Роналдо, најдобриот фудбалер на светот, нема по добро да го памети враќањето по суспензијата од пет натпревари во шпанскиот фудбал.
Роналдо беше суспендиран на пет натпревари поради тоа што го оттурна судијата во првиот натпревар од шпанскиот Суперкуп со Барселона, а на теренот се врати еден месец подоцна, во натпреварот против Бетис, но неговиот Реал Мадрид го доживеа првиот пораз.
Кралскиот клуб на негов терен беше совладан со 0-1, стрелец на единствениот гол беше Санабрија во четвртата минута од продолжението, додека Португалецот неговото име повторно го запиша во книгата на рекорди, но овој пат не по добро.
Кристијано за 90 минути, колку што помина на теренот, упати вкупно 12 удари кон голот на ривалот без успех да се запише во стрелците. Тоа е најголем број удари коишто не завршиле во мрежа на натпреварите од шпанската Примера лига уште од септември 2015 година, кога тоа го направи исто така Роналдо.
Португалецот не можеше многу да се надева бидејќи само два обиди завршија во рамките на голот, но тогаш сигурен беше голманот Адан.
На оваа средба беше прекината низата на кралскиот клуб од 73 последователни натпревари на коишто постигнуваше барем по еден гол, па екипата на Зинедин Зидан не успеа да постави нов рекорд, туку само го изедначи оној што го постави бразилскиот Сантос меѓу 1961 и 1963 година.
На францускиот стручњак многу поголема грижа му претставува тоа што Реал по петте одиграни кола, заостанува дури со седум бодови зад лидерот Барселона, која има максимален учинок – 15 бодови и гол-разлика 17-2.