Фудбалерите на Реал Мадрид ја совладаа Борусија Дортмунд со 3-1 во дербито на првиот ден од второто коло на Лигата на шампионите.
Кралскиот клуб со двата гола на Кристијано Роналдо прв пат славеше на „Вестфален“, во седмиот настап пред „жолтиот ѕид“.
За разлика од Ла Лигата, шампионот на Европа во Дортмунд конечно личеше на себе, иако е јасно дека пред Зинедин Зидан има уште работа додека Реал не го достигне очекуваното ниво.
Реал тргна силно на „Вестфален“. Неверојатна шанса во десеттата минута пропушти Карвахал. Втрча во казнениот простор, си отвори простор за погодок од десетина метри, но не шутираше добро, а Бирки одлично го прочита. Го прекоруваа Кристијано Роналдо и Герет Бејл, коишто беа осамени на средината.
Минута подоцна, Реал стигна до нов зицер по контранападот, Роналдо ја доби топката на левата страна, несебично го проигра Бејл, кој втрчуваше во средината, но топката беше непрецизна и пребрза за да ја дочека Велшанецот.
За малку Борусија ќе ги казнеше овие пропуштени шанси на Реал. Филип шутираше со глава по центаршутот од левата страна. Навас одбрани, топката ги погоди рацете на Рамос пред голот, но не се огласија судиите.
Конечно, во 18-тата минута падна првиот гол. Карвахал ја префрли топката од десната на левата страна, право во казнениот простор. Бејл им избега на неговите чувари и со одличен удар од волеј го совлада Бирки.
Во финишот на полувремето малку недостасуваше Реал да дојде до предност од ва гола. Повторно лошо реагираше одбраната на Борусија, и тоа при корнер, заборави на Рамос, кој успеа да погодува со глава, но за малку покрај голот.
Во петтата минута од продолжението, Реал ја удвои предноста. Бејл ја доби топката во празниот простор на левата страна, по неколку брзи чекори испрати центаршут по земја во средината на казнениот простор, совршено за Роналдо, кој како во игра топката ја испрати во мрежата.
Борусија брзо се врати во игра. По долгата акција по левата страна, Филип ја испрати топката на пет метри, а Обамејанг само ја постави топката со брза реакција пред Рамос и намали на 2-1.
Борусија бараше изедначување, го контролираше ритамот, додека Реал чекаше контранапад и го дочека на 11 минути пред крајот. Модриќ во вистинско време испрати пас во празниот простор за Роналдо, кој втрча во казнениот од десната страна и со силен удар ја испрати топката во мрежата на домаќинот.
Во другиот натпревар од групата Х, Тотенхем го прегази АПОЕЛ со 3-0, со хет-трикот на Хари Кејн во Никозија, па овие два тима имаат по шест бодови во групата пред меѓусебниот дуел.
Во групата Е, Севилја лесно го надигра Марибор со 3-0, а и на овој натпревар имаше хет-трик, Висам Бен Једер го сруши словенечкиот шампион на „Рамон Санчес Писхуан“, по феноменалните акции на неговите соиграчи.
Андалузијците го презедоа првото место во групата Е бидејќи во другата средба Спартак и Ливерпул ремизираа со 1-1 во Москва.
Натпреварот траеше 98 минути, а во продолжението на времето Стариџ и Салах пропуштија одлични шанси за пресврт на „црвените“.
Во групата Ф, Манчестер сити се осамостои на врвот со втората победа. Многу потешко отколку што се очекуваше „граѓаните“ го совладаа отпорот на Шахтар. Пресвртниот момент се случи на почетокот на второто полувреме, кога Кевин де Бројне постигна одличен гол од 20-тина метри.
Во другиот натпревар од групата Ф, Наполи очекувано го совлада Феенорд со 3-1, по голот и асистенцијата на Дрис Мертенс, а Холанѓаните на 2-0 пропуштија пенал за враќање во игра на средината на второто полувреме.
Во групата Г, Порто неочекувано славеше во Монако, и тоа со убедливи 3-0. Венсан Абубакар два пати го матираше Бенајло, додека точка во самата завршница стави Лајун.
Лидер е Бешикташ, кој во Истанбул го надигра Лајпциг со 2-0, со погодоците на Бабел и Талиске. Натпреварот беше кратко прекинат на половина час пред крајот бидејќи се изгасија рефлекторите.