Шефот на стручниот штаб на Вардар, Чедомир Јаневски вечерва на стадионот „Леркендал“ во Трондхајм ги искажа своите очекувања од утрешниот натпревар против Розенборг.
„Имаме респект за нашиот противник, затоа што има огромно искуство со европски натпревари. Но, ние веруваме во нашиот квалитет и веруваме дека можеме да стигнеме до позитивен резултат. Не би сакал никого да издвојам од противничката екипа, бидејќи тие се добри како колектив. Ги гледавме неколку пати оваа сезона, направивме добра анализа. Подготвени сме да се надигруваме со противникот. Сите го знаеме Бендтнер кој што има играно во големи клубови, има многу вакви натпревари, но исто така Розенборг е екипа која што поседува одлични играчи во средината на теренот. Не можам да кажам дека сигурно ќе победиме, тоа е тешко да се каже особено на вакви натпревари, но дојдовме тука да одиграме добар натпревар, и се наевам дека тоа ќе ни донесе позитивен резултат. И ние и Розенборг имавме лош старт во групната фаза од Лигата на Европа, и сега на некој начин двата тима ги посакуваме првите бодови“, вели Јаневски.
Нашиот тренер веќе има искуство со водење на екипа на стадионот „Леркендал“. Во 2005 година како тогашен помошник тренер на Олимпијакос, на овој терен Јаневски одигра нерешено 1:1.
„Се сеќавам на тој натпревар, одигравме 1:1. Од она што знам дека не е лесно да се игра тука. Станува збор за типично скандинавска екипа која што физички е добро подготвена. Одлични се во воздушните дуели. Ќе бидат тоа, навистина, тешки 90 минути“, изјави шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“.