Баерн им се поклони на Нејмар и на Мбапе. Овие двајца играчи покрај Кавани беа клучот на победата од 3-0 над Баерн од Минхен. Славеше и Челзи во продолжението на времето.

По првата вечер на второто коло во вторникот, Лигата на шампионите продолжи вчера со натпреварите од групите А, Б, Ц и Д.

Просекот од три гола по натпревар од вторникот го продолжи Рома со победата од 3-1 над Карабаг во Баку порано во вчерашниот ден, а вистинско уживање беше судирот меѓу ПСЖ и Баерн од Минхен во групата Б.

Во групата А, фудбалерите на Манчестер јунајтед во гости ја победија ЦСКА од Москва со 4-1, додека Базел на негов терен со 5-1 ја сруши Бенфика.

Во групата Б, ПСЖ во новата сезона на Лигата на шампионите влезе со победа против Селтик во Глазгов со 5-0, а Баерн со 3-0 беше подобар од Андерлехт.

Се очекуваше добар натпревар, сите гледаа во Мбапе, во Нејмар и во Кавани и во нивната соработка, но уште во втората минута од средбата шокираше Дани Алвес, кога заборавен даде гол за предност на клубот од Париз.

Баерн презеде иницијативата, се закануваше, но едно едноставно додавање на Мбапе до Кавани значеше и 2-0 за ПСЖ само по половина час игра.

Кај третиот гол повторно во главна улога беше Мбапе. Одличниот дриблинг на малиот простор навистина потсети на Анри во младите денови, топката стигна до Нејмар, кој се снајде во казнениот простор и на половина час до крајот го постави конечниот резултат на натпреварот.

Во другиот натпревар од групата Б, силите ги одмерија Селтик и Андерлехт. Селтик ја совлада белгиската екипа со 3-0.

Еден од највозбудливите натпревари на вечерта беше одигран во групата Ц, во која Челзи го победи Атлетико Мадрид по пресвртот со 2-1.

Атлетико со голот на Гриезман поведе на неговиот „Ванда Метрополитано“ во првиот натпревар од Лигата на шампионите на новиот стадион.

Многу лесно можеше да биде поинаку бидејќи Азар ја погоди стативата уште во 13-тата минута. Облак потоа го одбрани ударот на Мората, а Гриезман во 40-тата минута реализираше пенал по стартот на Давид Луиз во казнениот простор.

Челзи дојде до изедначување во 60-тата минута, кога Алваро Мората го искористи одличниот центаршут на Азар. Само ја удри топката со глава, а таа отиде во малата мрежа за изедначување 1-1.

Потоа следуваше шок, Челзи во самиот финиш, во последниот напад во 94-тата минута успеа во казнениот простор на противникот да одигра одлична акција, а стрелец на победоносниот гол беше Миши Батшуаји.

Претходно во групата Ц, Рома со 2-1 го победи Карабаг.

Во групата Д, фудбалерите на Барселона победија на гостувањето кај Спортинг со 1-0, додека Јувентус во Торино со 2-0 го совлада Олимпијакос.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/09/2017 10:14