После натпреварот и освоените три бода во дуелот со Шкупи, шефот на стручниот штаб Чедомир Јаневски задоволен од победата. Истакна дека и покрај заморот кој што е очигледен поради европските натпревари, неговите момци стигнале до вредни три бода со екипа која во последно време имаше добри резултати.

„Јас и претходно реков дека европските натпревари нè чинат многу сила, многу енергија. Тоа се виде и на овој натпревар. Во прво полувреме 15-20 минути и во второ во првите минути бевме доминатни. Не искористивме неколку шанси да го отвориме порано резултатот. Како одминува крајот на натпреварот, заморот е очигледен кај играчите, а од нас нормално се бара победа на секој меч. Ова беа три добри и важни бодови за нас против противник кој што во последните шест меча нема пораз. Еден компактен тим, и можам да кажам дека и на овој меч доста енергија потрошивме за да дојдеме до победата. Ќе мора да ги освежиме играчите и тоа ќе го сториме, и се надевам дека дел од повредените играчи ќе се вратат и ќе имаме голем број на фудбалери за да може да ротираме без да го ослабиме нашиот тим на секој натпревар“, изјави Јаневски по натпреварот со Шкупи.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/10/2017 23:51