Фудбалскиот клуб Баерн од Минхен вчера потврди дека Јуп Хејнкес е именуван за нов тренер на клубот.
Како што е објавено на интернет-страницата на шампионот на Германија, Хејнкес потпишал договор до 30-ти јуни 2018 година, а тимот ќе го преземе во понеделник.
„Не би се вратил во ниту еден друг клуб на светот, но Баерн за мене е љубов“, изјави Хејнкес.
Германската агенција ДПА претходно објави дека Баерн се обидува да го исполни барањето на 72-годишниот Хејнкес во клубот како помошен тренер да се врати Петер Херман.
Баерн успеа во тоа. Херман, кој досега ја водеше Фортуна од Диселдорф, се врати во Баерн и ќе му биде помошник на Хејнкес. Тој претходно со Хејнкес соработуваше во Баер Леверкузен, а потоа и во Баерн.
Втор помошник ќе биде Херман Герланд, кој досега работеше во помладите категории на Баерн.
Хејнкес во Баерн во 2013 година ја заврши кариерата откако таа сезона ја одведе екипата до тројната круна – шампионската титула на Германија, Купот и Лигата на шампионите.
Баерн го отпушти Карло Анчелоти на 28-ми септември, еден ден по поразот од ПСЖ со 0-3 во Лигата на шампионите. Италијанскиот тренер беше отпуштен по 14 месеци.