Македонската фудбалска репрезентација утре во 20.45ч го игра последниот квалификациски дуел за ЕП со селекцијата на Лихтенштајн. Селекторот Ангеловски потенцираше дека не треба да има потценување кон ниту една екипа и многу е важно квалифкацискиот циклус да се заврши со победа. Еве ја неговата изјава од прес конференцијата во Струмица:
„Нè очекува последниот натпревар од овие квалификации, на гости ни доаѓа Лихтенштајн. Очекувам од моите фудбалери да влезат на овој натпревар како што тоа го правеа и на изминатите натпревари низ квалификациите, затоа што секогаш им говорам дека не е важно кој е на спротивната страна, туку како ќе го одиграме натпреварот. Барам да бидеме рамноправен тим против секого, без разлика на противникот во оваа група. Не само што бевме рамноправни, туку и бевме подобри од противниците, бидејќи добро знаеме како одредени натпревари ги загубивме. Пред нас е меч со противник кого го победивме на нивен терен и не бегаме од фаворитската улога. Ќе барам од моите фудбалери максимално да настапат за да го добиеме овој натпревар“, изјави Ангеловски.