Нејмар, офанзивниот играч на ПСЖ, заработи исклучување во 87-мата минута од натпреварот против Марсеј, а по дуелот изјави дека таквата одлука на судиите била неправедна и претерана.
Марсеј и ПСЖ во француското Класико одиграа 2-2, а бод на „светците“ им донесе Единсон Кавани со голот во третата минута од судиското продолжение на средбата.
Малку претходно, најскапиот фудбалер на светот Нејмар беше фаулиран од страна на Лукас Окампос, фудбалерот на Марсеј. Бразилецот испровоциран се сврти и го оттурна Аргентинецот, кој веднаш падна како покосен.
Главниот арбитер Руди Буке му покажа на Нејмар втор жолт картон, па фудбалерот на ПСЖ мораше да излезе од теренот. Бразилскиот напаѓач изјави дека смета дека требало да биде поинаку.
„Мислам дека е претерано и неправедно што сум исклучен. Во текот на целиот натпревар трпев. Имам многу лузни на телото. Потегот го направив бидејќи пред тоа претрпев фаул. Ме изнервира тоа што бев удрен со грбот“, изјави Нејмар, а го поддржа и тренерот Унаи Емери, кој изјави дека не било праведно да се донесе одлука за исклучување.
И Марко Верати, играчот за врска на ПСЖ, изјави дека се согласува со тоа и додаде дека фудбалерите би требало повеќе да бидат заштитени.
„Да бев на местото на Нејмар, ќе „експлодирав“ 15 или 20 минути порано. Некои играчи би требало да бидат заштитени. Кога играм во Европа, втор пат кога ќе го фаулирам Меси, добивам жолт картон. Не можете да ги кршите таквите играчи целиот натпревар“, изјави Верати.