Ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо втора година со ред ја освои наградата „Најдобриот“ која што ја доделува ФИФА.

Португалецот во изминатата сезона го водеше својот тим до титулата во шпанската лига и Лигата на Шампионите, што беше доволно за титулата да отиде кај него, победувајќи ги финалистите Нејмар и Меси.

Роналдо постигна 25 голови во Ла Лига и 12 голови во Лигата на Шампионите минатата сезона.

– Благодарам на сите кои гласаа за мене и сакам да им честитам и на Лео и Нејмар што се тука, изјави Роналдо.

Тој се заблагодари и на Реал Мадрид, тренерот, фановите и претседателот за поддршката која што ја добива.

Наградата „Најдобриот“ ја доделуваат селекторите и капитените од сите репрезентации, како и новинар од секоја територија која што има национален тим, како и фанови од целиот свет кои гласаат преку интернет.

Напаѓачот на Арсенал, Оливие Жиру ја освои ФИФА Пушкаш наградата за најубав гол, тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан беше одликуван за тренер на годината, додека ветеранот од Јувентус, Џанлуиџи Буфон ја однесе наградата за најдобар голман.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2017 02:28