Вчерашниот ден во Англија беше резервиран за Лига купот, во којшто сите фаворити се пласираа понатаму, некој со помала, а некој со поголема мака.
Екипата на Манчестер јунајтед победи на гостувањето кај Свонси со 2-0, а двата гола ги постигна Џеси Лингард.
Избраниците на Жозе Мурињо натпреварот го одиграа рутински и заслужено се пласираа во четврт-финалето на Купот.
Лингард во 21-вата минута, по асистенцијата на Рашфорд, го совлада Нордфелт, со што гостите дојдоа до водство. Тој резултат остана до полувремето, а потоа Јунајтед во продолжението успеа да постигне уште еден погодок и со тоа го реши натпреварот. Дармијан асистираше, а стрелец повторно беше Џеси Линград.
Манчестер сити, градскиот ривал на Јунајтед, со голема борба успеа да се пласира во наредното коло бидејќи дури по изведувањето на пеналите успеа да го совлада Вулверхемптон.
По 90 минути игра, немаше победник бидејќи ниту една екипа не успеа да постигне погодок. Така беше и во дополнителните 30 минути игра, па се пристапи кон пенали.
Таму херој се покажа Клаудио Браво, кој одбрани два пенали и со тоа ги одведе „граѓаните“ во четврт-финалето. Браво беше одличен и во текот на 120-те минути, така што епитетот херој му припаѓа токму нему.
Арсенал, исто така, помина потешко отколку што се очекуваше и се пласира во наредното коло. „Топчиите“ пред домашната публика успеаја да направат пресврт и по продолженијата да го победат Норвич со 2-1. Херој на Арсенал беше 18-годишниот Едвард Нкетиах, кој ги постигна двата гола за домашниот состав.
Фудбалерите на Лестер го совладаа Лидс со 3-1, Бристол сити изненади и многу убедливо го совлада Кристал палас со 4-1, додека помалку ефикасен беше Борнмут, кој со 3-1 го победи Мидлсборо.
Лига купот продолжува и денес, кога ќе се дознаат сите учесници во четврт-финалето. Од 20.45 часот ќе се сретнат Челзи и Евертон, додека од 21 часот ќе играат Тотенхем и Вест хем.