Флорентино Перес, претседателот на Реал Мадрид, изјави дека смета дека Хари Кејн, напаѓачот на Тотенхем, вреди 250 милиони евра, но дека не е заинтересиран за трансферот.
Кејн постигна 13 голови на 12 натпревари оваа сезона, пет во Лигата на шампионите, но Перес изјави дека не му е потребен голгетер бидејќи го има Карим Бензема.
„Не ми помина низ глава да го доведам Кејн, тој е одличен играч и е млад, но не го побаравме Тотенхем бидејќи неговиот сопственик би ми барал 250 милиони евра. Пред него се годините за напредување, а ние сме воодушевени од Бензема“, изјави Перес за шпанското радио „Кадена КОПЕ“.
Доколку Реал би го платил бараниот износ, Кејн би станал најскапиот фудбалер некогаш и со тоа би го срушил летошниот рекорд на Нејмар при трансферот од Барселона во ПСЖ за 222 милиони евра.
Во неодамнешната средба меѓу Реал и Тотенхем во Мадрид во Лигата на шампионите токму по обидот на Кејн со петата, Рафаел Варан ја испрати топката во сопствената мрежа, но тоа беше доволно само за реми 1-1.