Италијанската фудбалска федерација одлучи пред почетокот на натпреварите од следното коло да се чита извадок од познатото литературно дело „Дневникот на Ана Франк“, како одговор на антисемитски пораки кои беа пратени од фановите на Лацио.

Навивачите на Лацио ја шокираа италијанската јавност кога на „Олимпико“ во Рим залепија плакати со ликот на Ана Франк во дресот на лутиот ривал Рома.ана франк рома

Познати како поддржувачи на фашистичката идеологија, фановите на Лацио своите противници Рома ги етикетираат како левичари и Евреите, а во таа насока го злоупотребија и ликот на девојчето кое во својот дневник го забележала страдањето на Евреите од нацистите во Втората светска војна.

- Гледам дека светот полека се претвора во дивина, го слушам звукот на дојдовниот гром, кој еден ден ќе не уништи и нас, чувствувам како милиони страдаат. А сепак, кога ќе погледнам во небото, чувствувам дека се ќе се промени на подобро, дека оваа суровост ќе заврши, дека мирот и спокојството повторно ќе се вратат, е извадокот од „Дневникот на Ана Франк“ што ќе биде прочитан на италијанските натпревари.

Ана Франк во текот на германската окупација на Амстердам од едно скришно место го пишувала дневникот. Таа била откриена и пратена во логор каде починала, а нејзиниот дневник го објавил татко и во 1947 година. Книгата е една од најзначајните во историјата на литературата и досега е преведена на преку 60 светски јазици.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/10/2017 11:48