Селтик во 11-тото коло на шкотската Премиер лига славеше на гостувањето кај Абердин и со тоа дојде на чекор од изедначувањето на британскиот рекорд по бројот на натпревари без пораз. Рекордот кој го држи токму Селтик.
Екипата на Брендан Роџерс со победата против Абердин, дојде до 61-от натпревар во којшто во домашните натпреварувања не забележала пораз. Британскиот рекорд изнесува 62 натпревари без пораз и го држи токму Селтик.
Осмата победа во шампионатот (и две ремија) на Селтик во средбата против Абердин му ја донесоа Киран Тирни и двократниот стрелец Муса Дембеле.
Селтик сега е на чекор да го изедначи рекордот кој е поставен меѓу 1915 и 1917 година, кога тимот од клупата го водел Вили Мели.
На Селтик ќе му биде доволно да избегне пораз од Килмарнок пред неговите навивачи во сабота.
„Многу слушам за тоа со колкава леснотија Селтик бележи успеси во домашните натпреварувања. За тоа се заслужни само играчите коишто имаат храброст во секој натпревар и на секоја топка да влегуваат како победници“, изјави Брендан Роџерс по дуелот.
Околу 2.000 навивачи на Селтик коишто дојдоа на стадионот на Абердин за да го поддржат нивниот тим пееја од трибините „ние сме непобедливи“ многу порано пред судијата да го означи крајот на натпреварот.