Натпреварот од шпанската Ла Лига помеѓу Реал Мадрид и Жирона, закажан за в недела би можел да биде одложен. Причината е безбедносната ситуација и можноста Владата на Каталонија за време на викендот да прогласи независност од Шпанија, а таквата одлука сигурно би извадила луѓе на улиците.
Реал Мадрид според распоред треба да гостува во Жирона, предградие на Барселона. Локалните власти засега не можат да гарантираат целосна безбедност и постои можност натпреварот да се одложи.
Тренерот на „кралскиот клуб“ Зинедин Зидан објави дека сака неговиот тим да игра еден натпревар, без оглед на политика.
– Ние не се плашиме Ние сакаме да се игра средбата и не сакаме да се размислува за други работи, изјави Зидан.
Доколку натпреварот се игра, Реал Мадрид ќе биде под интензивни мерки на безбедност. Претходно беше одлучено клубот да патува со автобус без клупски обележја. Во хотелот каде што ќе бидат сместени мадриѓаните ќе бидат преземени специјални мерки за да се спречи било каков напад на играчите.
Жирона е дебитант во Примера, додека Реал Мадрид е актуелен шампион.