Италијанскиот стручњак Клаудио Раниери во интервју за „Кориере дело спорт“ изјави дека челниците на Лестер го повикале да се врати откако му врачиле отказ на Крег Шекспир.
Раниери ги одведе „лисиците“ до најголемиот успех во историјата на клубот пред година и пол, кога Лестер ја освои титулата во Премиер лигата. Но, поради лошите резултати од почетокот на одбраната на титулата, во февруари годинава му беше врачен отказ, а тој во меѓувреме го презеде Нант.
Искусниот тренер дал исклучително долго интервју за „Кориере дело спорт“, кое го почнал со изненадувачка информација дека минатата недела од Лестер го повикале да го напушти Нант и да се врати на Островот. На повикот на англискиот клуб, Раниери одговорил: „Не, благодарам“.
Италијанецот на клупата на Лестер го замени Крег Шекспир, прво на привремена основа, а потоа му беше продолжен договорот, кој беше раскинат минатата недела бидејќи „лисиците“ освоија само девет бода на девет натпревари.
Неколку дена подоцна, Клод Пуел беше именуван за менаџер на Лестер, а на неговото деби шампионот на Англија од предминатата сезона славеше против Евертон со резултат 2-0.