Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски по објавувањето на списокот повикани фудбалери за натпреварот против Норвешка даде свое видување за играчкиот кадар.
– Нема промени во составот во однос на претходните натпревари од квалификациите за Светското првенство. Сметам дека тоа што функционираше одлично и што ни донесе резултат не треба да го менуваме, рече Ангеловски на денешната прес-конференција.
Тој за дуелот со Норвешка очекува квалитетно издание на неговите избраници.
– Ни престои тест натпревар против репрезентација која во минатото не сме ја победиле. Норвешка негува типичен скандинавски стил на игра, агресивен, со многу дуели, а ги предводи Лагербег кој направи фудбалско чудо со Исланд. Се надевам дека на најдобар начин ќе се спротивставиме и ќе го продолжиме трендот на позитивни резултати, изјави Ангеловски.
Натпреварот Македонија – Норвешка ќе се игра на 11 ноември во Скопје.