На вчерашниот натпревар со Манчестер јунајтед, Давид Луиз не беше меѓу резервните играчи, а Антонио Конте, менаџерот на Челзи, изјави дека бразилскиот дефанзивен играч ќе мора многу да работи за да се врати меѓу стартерите.
Фоторепортерите вчера едвај го забележаа Луиз на „Стемфорд бриџ“. Бразилецот победата над Манчестер јунајтед ја гледаше од вториот ред зад клупата на Челзи завиткан во шал, а тоа беше знак дека Конте веќе не смета на него.
Италијанецот веројатно го обвинува Луиз за поразот во Лигата на шампионите од Рома, кога резултатот беше 3-0, а како што пишуваат медиумите од Островот, уште еден инцидент од тренингот на лондонскиот тим покажува каков е статусот на Бразилецот. Конте пред дербито со Јунајтед го натерал да биде собирач на топките додека останатите имале тренинг-натпревар 11 против 11.
„Ќе мора да работи многу напорно или ќе седи на клупата или на трибините. Не знам каква е иднината на Давид во Челзи. Андреас Кристенсен е и сегашноста и иднината на екипата“, изјави Конте по победата против Манчестер јунајтед.
Луиз во Челзи играше од 2011 до 2014 година, па направи трансфер во ПСЖ, а потоа „сините“ повторно го купија за 34 милиони фунти.
На Бразилецот договорот му истекува на крајот на наредната сезона, но можно е дека ќе мора да бара нов клуб и пред тоа.
Оваа сезона Луиз го почнуваше секој натпревар на Челзи освен против Стоук и против Манчестер сити, кога беше суспендиран поради црвениот картон на натпреварот со Арсенал. Дуелот со Јунајтед му е прв пропуштен поради одлуката на менаџерот.