Баерн од Минхен се откажа од тоа да го доведе Алексис Санчес од Арсенал бидејќи Чилеанецот веќе донел одлука околу продолжувањето на кариерата.

Тоа го изјави Карл-Хајнц Румениге, претседателот на баварскиот клуб. Тој индиректно потврди дека Санчес избрал да оди во Манчестер сити, веројатно на крајот на сезоната, кога ќе му истече договорот со Арсенал.

„Мислам дека Санчес веќе одлучил во кој клуб да оди, така што вратите за неговиот трансфер за нас се затворени. Тоа не претставува проблем за нас и Санчес не би бил замена за Левандовски бидејќи не е класичен центарфор“, изјави Румениге за германскиот „Скај“.

Санчес повеќе пати одби да го продолжи договорот со лондонскиот клуб, се споменуваше дека би можело да оди во Баерн, Манчестер сити или ПСЖ, но судејќи според сè, тој избрал повторно да соработува со Пеп Гвардиола, кој го доведе во Барселона од Удинезе.

Одличниот 28-годишен напаѓач пред три години од Каталонија направи трансфер во Арсенал и досега постигна 74 гола на 152 натпревари, но освои само два трофеја на ФА купот и еден на Комјунити шилд.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/11/2017 22:59