Фудбалскиот клуб ПСЖ би можело да има проблеми поради непочитувањето на финансискиот фер плеј во сезоната 2017/18.
Како што пренесува „БФМТВ“, претставниците на УЕФА пред почетокот на сезоната ќе го проверат буџетот на клубот и трансферите направени летото оваа година.
Парижаните во летниот преоден рок го ангажираа Дани Алвес како слободен играч од Јувентус. За Нејмар на Барселона ѝ платија 222 милиони евра, додека Килијан Мбапе го зедоа на заем од Монако со обврска да го откупат договорот за 180 милиони евра. Претходно, претставниците на ПСЖ одржале состанок со челниците на УЕФА и им ги понудиле сите неопходни информации за договорите на Нејмар и на Мбапе.
За да ги задоволи сите стандарди, клубот од Париз во зимскиот преоден рок ќе мора да оствари приход од 80 милиони евра од продажба на играчи, а последните дена најмногу се шпекулира дека Единсон Кавани ќе оди во Премиер лигата. На листата на трансфери најверојатно ќе бидат и Анхел ди Марија и Лукас Мура.
На ПСЖ оваа сезона не му се закануваат санкции, но УЕФА во сезоната 2018/19 би можела да го исклучи од европските натпреварувања.