Фудбалската селекција на Италија, четирикратниот светски првак по 60 години за првпат нема да настапи на најелитно репрезентативно натпреварување.
„Азурите“ вечерва на „Сан Сиро“ одиграа само 0-0 против Шведска, што беше доволно за гостите да ја зачуваат предноста од првиот меч игран во Стокхолм, и да се пласираат на СП во Русија.
Италијанците според прикажаното, не заслужија ни да се пласираат на СП. Последен пат кога „азурите“ не се изборија за пласман на Мундијал, беше оној во 1958 година, а се одржа токму кај вечерашниот противник, Шведска.
Воедно ова беше последен натпревар и за италијанската и светската фудбалска икона Џанлуиџи Буфон, кој официјално ја завршува својата репрезентативна кариера. Триесет и деветгодишниот Буфон беше силно емотивен за време на интонирањето на химните и ова се покажа негов последен, 178. настап во дресот на италијанската репрезентација, со која стана светски првак во 2006 година.
По последниот свиреж на главниот арбитар, Буфон со солзи во очите се прости од италијанскиот репрезентативен дрес.