Репрезентацијата на Австралија се пласира на Светското првенство во Русија 2018 година откако во реванш-натпреварот од баражот го победи Хондурас со 3-1.

Херој на „кенгурите“ беше Миле Јединак, кој ги постигна сите три гола во триумфот на неговата репрезентација.

Во првиот натпревар во Хондурас немаше победници, па сè беше одлучено на стадионот „АНЗ“ во Сиднеј.

Австралија од почетокот на средбата го контролираше ритамот на натпреварот, но по првите 45 минути игра, немаше голови. Домашните играчи имаа иницијатива, а во 38-мата минута имаше голема шанса кога шутираше Азиз Бехич. Но, неговиот удар добро го одбрани Донис Ескобар.

Веднаш во вториот дел од натпреварот „кенгурите“ успеаја да дојдат до погодок. Јединак ја намести топката и од слободен удар го совлада Ескобар. Австралија овде имаше доста среќа, бидејќи токата го погоди играчот на Хондурас и така го измами голманот.

Австралија продолжи со нападите, а до вториот гол дојде 18 минути подоцна. Брајан Акоста играше со рака во шеснаесетникот, па беше досуден пенал.

Стрелецот на првиот гол, Миле Јединак ја зеде топката и го совлада голманот на Хондурас. Тука веќе можеше да се насети дека „кенгурите“ ќе се пласираат на Мундијалот наредната година во Русија.

Само 13 минути подоцна, Нестор Питана повторно покажа на белата точка. Џери Паласиос го сруши играчот на Австралија, а топката во свои раце повторно ја зеде фудбалерот на Астон вила.

Јединак повторно беше прецизен, со што дојде до хет-трик, а воедно и до 20-тиот гол во дресот на Австралија. Хондурас не успеа да се избори во Сиднеј, а колку немаше шанси кажува и податокот дека немаше удар кон голот до продолжението на времето.

Тогаш Мајнор Фигероа постигна почесен гол, а потоа судијата го означи крајот на натпреварот. Австралија е претпоследниот учесник на Мундијалот, а последниот ќе се дознае ноќеска, кога ќе се сретнат Перу и Нов Зеланд.

На Австралија ова ќе ѝ биде петто учество на Светското првенство, а четврто последователно.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2017 15:03