И официјално дерби натпреварот од 16. коло помеѓу Вардар и Пелистер е закажан за в недела во Националната Арена „Филип Втори“ со почеток во 18 часот, а ќе помине во знакот на навивачите на „црвено-црните“ Комити кои слават 30 години постоење.
- Во миговите кога нашиот тим го живее најголемиот успех на меѓународна сцена, нашата навивачка група „Комити“ слави роденден. Прославата од 30 години постоење ќе се случи токму на неделниот натпревар, а нашите најверни фанови истовремено ќе го слават и 70-годишниот јубилеј на клубот.
ФК Вардар ќе се вклучи во прославата на роденденот на нашите верни фанови. 70-тиот роденден на клубот како што најавивме и претходно ќе го прославиме идната 2018 година на свечен начин, со оглед дека во оваа година поради одржувањето на УЕФА Супер-Купот не бевме во можност да организираме целокупната програма за прослава на јубилејот, соопшти ФК Вардар.
За публика ќе биде отворена само јужната трибина на стадионот, а на запад ќе бидат сместени навивачите „Комити“.