Вардар имаше негатива од 2:0 на гостувањето на „Зенит Арена“ во Санкт Петербург после првото полувреме, и одбранет пенал на Гачевски. Во второто полувреме добрата игра на нашиот тим беше крунисана со гол, кој што за жал, дојде предоцна за да се дојде барем до еден бод на ова тешко гостување кај силниот Зенит.
Погодокот на Дејан Блажевски ќе се памети уште долго. Прекрасен погодок на вардаровиот напаѓач кој што по нафрлената топка од корнер на Фелипе, со одличен волеј удар од дваесетина метри, погоди во долниот лев агол, и го натера противничкиот голман Јури Лодигин само со поглед, немоќно, да ја испрати во неговата мрежа. Блажевски може да жали што овој убав погодок не донесе барем еден бод.
„Нормално дека сум среќен за голот, а ќе бев уште посреќен мојот гол да донесеше барем бод. За жал тој погодок дојде доцна во финишот на натпреварот, и тој гол на некој начин беше награда за нашата добра игра во второто полувреме. Во секој случај сметам дека не се посрамотивме, дека се прикажавме во добро светло и достојно го презентиравме клубот на овој натпревар. Останува само против Розенборг да дадеме се од себе да дојдеме до првите бодови во групата, а ќе беше убаво доколку и синоќа успеевме да освоиме барем еден бод. Што е тука е, одиме понатаму, се фокусираме кон натпреварот со Академија Пандев“, вели стрелецот на единствениот гол во Санкт Петербург.
Кога сме кај натпреварот со Академија Пандев, кои се очекувањата на Блажевски?
„Немавме време за одмор, само што се вративме од Санкт Петербург веднаш почнавме да се подготвуваме за натпреварот со Академија Пандев и неколку часа по пристигнувањето од Русија, имавме тренинг. Одиме во Струмица на победа, а играме со квалитетен противник кој што е состав со искусни и со млади играчи. Ќе биде тешко, овие натпревари во Лигата на Европа ни трошат многу сила, но ќе мора да одиме да ги освоиме бодовите да останеме во игра за првото место на табелата. Очекувам да се преставиме во добро издание, да дадеме максимум и да победиме“, рече Блажевски.